Поранешната пратеничка на СДСМ, Софија Куновска, им се придружи на редица видни сопартијци што застанаа во одбрана на директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, кој се најде на удар на „новиот“ СДСМ, како што го нарече.



„Секој од нас е во шанса да менува!

Случајот со Стојко Пауновски е уште еден пример или потврда на кој начин функционира ‘новиот’ СДСМ. Оние кои ни ветуваа професионалност, стручност и независност на институциите денес разрешуваат директори кои се залагаат токму за тие принципи. На нивно место се бараат слепи послушници, полтрони и клиентелисти подготвени да направат се само за да ги задржат фотелјите и привилегиите. За жал, ваквите политики ќе бидат катастрофални и за СДСМ и за државата. Ова се тие постапки кои го враќаат ВМРО-ДПМНЕ поблизу до власта. Ова не е патот до ЕУ. Патот кој го избира Пауновски е вистинскиот пат до Европската унија, патот на одбрана на интегритетот и професионалноста на институцијата која ја предводи и непокорот пред партиските наредби и закани.

Пауновски има богата партиска биографија, но никогаш не бил слеп послушник и конформист. Негова водилка е совесната и чесна работа во функција на државата. Неговиот образ е најголемото наследство што ќе го остави еден ден и на своето семејство и на партијата на која припаѓа. Ја има мојата полна поддршка и почит“, вели експретседателката на скопската Градска организација на СДСМ во објава на Фејсбук.