На Едуард Кукан, словачки европратеник и член на Комисијата за надворешни работи на Европски парламент, му е јасно дека јазикот во Македонија е македонски, но тоа е неприфатливо за Грците, вели тој.



„Преговорите меѓу Атина и Скопје по прашањето за името на бившата југословенска Република Македонија траат веќе 25 години, сега и со посредство на амбасадорот Метју Нимиц од САД изгледа дека сме многу блиску до договор. Но, има други важни проблеми, содржани во Уставот, како на пример како тогаш ќе се нарекува јазикот – горномакедонски? Јасно е дека јазикот е македонски, но тоа е неприфатливо за Грците. Така што, императив е преговорите да продолжат до постигнувањето на целта и сите да содејствуваат. Ако се дојде до пробив, тоа ќе биде пресвртна точка за Македонија и многу пречки ќе бидат надминати. Се надевам на позитивни резултати во преговорите меѓу Атина и Скопје пред заседанието на Европски совет во јуни. Тоа ќе биде уште еден аргумент за Советот да излезе со позитивна одлука за Македонија. Побрзото решавање на спорот е од исклучително значење“, изјави поранешниот министер за надворешни работи на Словачка за Бугарско национално радио (БНР).

„Направивме сè возможно Европска комисија да излезе со позитивни препораки за Македонија и за Албанија, зошто тие тоа го заслужуваат. Во Македонија, а посебно во Албанија, јавноста го очекуваше со загриженост тој извештај. Тие постигнаа многу добри резултати во правосудната реформа и имаа потреба од охрабрување заради нивните амбиции за членство во ЕУ во иднина. Македонија чека веќе 12 години, а тоа е многу тешко. Работата сè уште не е завршена целосно, бидејќи Европска комисија препорачува, но Европски совет е тој што одлучува. За жал, знам дека понекогаш, кога членовите на Европски совет решаваат, не го гледаат исполнувањето на конкретните препораки од земјите-кандидатки, туку се влијаат од нивните билатерални односи. Тоа е лошо. Треба да ја зачуваме довербата во ЕУ преку објективно оценување на земјите од Западен Балкан, па се надевам дека Европски совет ќе го потврди почетокот на преговорите за присоединување на Македонија и на Албанија“, вели Кукан.