КТЗПАОПА: Како жабата да се претвори во принц – спинување од страна на Стопанска банка Скопје

Координативното тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска банка АД Скопје реагира на обидот на банката повторно да ја изманипулира јавноста со наводна џентлменска понуда која се коси со законот.



Во реакцијата која ја пренесуваме во целост се наведува дека Стопанска Банка Скопје по неколку основи го крши законот на сметка на носителите на приоритетни акции:

Информациите за незадоволството на малите акционери иматели на приоритетни акции на Стопанска банка Скопје од неисполнување на обврските на Банката по основ на правата на овие акции веќе неколку години се достапни на македонската јавност, претежно преку интернет порталите. Но, сепак да се потсетиме за причините за ова незадоволство

Неусогласеност со Законот за трговски друштва од 2004 година

Во однос на гарантираната дивидендана приоритетните акции:

Банката им исплаќа на приоритетните акции гарантирана фиксна дивиденда во променлив износ заснован на висината на каматните стапки на депозитите на население на една година кои се во постојан и драстичен пад во тек на повеќе од две децении. А тоа е во спротивност со Законот за трговски друштва од 2004 година кој предвидува дивидендата да биде изразена во паричен износ или како процент од номиналната вредност на приоритетната акција, што значи во фиксен непроменлив износ.

Во однос на правата од приоритетни акции што треба да бидат запишани во Статутот
Банката го нема усогласено својот статут со одредбите од наведениот Закон и покрај тоа што Комисијата за хартии од вредност, надлежна институција за супервизија за пазарот на капитал и на издавачите на хартии од вредност со кои се тргува на Македонската берза, и укажала на почетокот на 2019 година дека треба да изврши измени во одредени одредби на статутот заради прецизно, детално и транспарентно уредување на правата на приоритетните акции, кои воопшто не се наведени во статутот на Банката што е во примена.

Неисплата на дел од добивката како дивиденда на приоритетните акции

Дополнително, Банката не им исплаќа на имателите на приоритетни акции ниту дел од добивката на приоритетните акции и покрај тоа што таквото право е одредено во одлуките за емисија на акции и Банката како издавач се обврзала дека ќе му ја исполни на нејзиниот имател обврската како што е запишана во тие одлуки.

Тужби од акционерите
Малите акционери водат три тужбени постапки против Стопанска банка Скопје, што е корпоративен преседан во банкарскиот сектор кој по своите карактеристики на основање, работење и високо ниво на регулираност треба да биде пример за високо етичко однесување и добро корпоративно управување со кое води сметка и за интересите на сите акционери и другите засегнати лица.

Иницијатива за конверзија на приоритетните акции во обични

Имателите на приоритетни акции неколку пати се обратија до Надзорниот одбор на Банката со предлог приоритетните акции да се конвертираат во обични за на ваков начин да се прекине и реши проблемот со континуираната штета што ја трпат малите акционери заради неусогласувањето на Статутот на Банката со Законот за трговски друштва и неисполнувањето на обврската по основ на правата на овие акции од страна на Банката како издавач. Но, Банката се оглушува и на овој предлог како последен израз на лелекот на овие акционери кои заедно со имателите на обични акции вложиле пари при основањето на Банката, а сега нивната инвестиција е скоро целосно обезвреднета заради минималниот дивиденден принос.

Дури ни укажувањето од Народната банка дека Надзорниот одбор на Банката треба секогаш да ги има предвид и интересите на малцинските акционери особено кога се доставуваат како предлози за Собранието на Банката немаше влијание врз членовите на Надзорниот одбор иако тие имаат законска обврска да управуваат со банката во согласност со Законот за банки и со правилата за добро корпоративно управување.

Кршење на Кодексот за корпоративно управување на котираните друштва

Банката со своето грубо игнорирање на иницијативите од страна на имателите на приоритетни акции и неисполнување на обврските по основ на правата на малите акционери постапува и во спротивност со новиот Кодекс за корпоративно управување на котираните друштва според кој треба да ги признава и почитува сите законски загарантирани права на акционерите.

Кодексот е усвоен од Одборот на директори на Македонската беза, чиј претседател и потписник на Кодексот е член на Управниот одбор на Стопанска банка Скопје, котирано друштво кое го прекршува Кодексот уште на самиот почеток на неговата примена.

И сега се поставува прашањето како Стопанска банка Скопје, една од најголемите македонски банки, а чиј Статут не е усогласен со ЗТД, постапува спротивно на одредбите на Законот за банки, не го почитува сопствениот Кодекс на корпоративно управување ниту Кодексот на котираните друштва на Македонската берза, не постапува по укажување од регулаторите на македонскиот пазар на капитал и на банките, стана врвен (дупли) џентлмен во статијата на Фактор од 24 јуни 2022 година?

Првиот пат на оваа Банка и беше признаен таков витешки чин од страна на истата редакција на Фактор во статијата од 16 мај 2022 година, на која претставниците на имателите на приоритетни акции реагираа заради необјективното и неточно информирање, но редакцијата не ја објави реакцијата што потоа ја понудивме на други портали. Џентлменско однесување претставува однесување кое е витешко, љубезно и чесно, односно според The Britannica Dictionary се однесува на луѓе кои се однесуваат кон другите луѓе на правилен и учтив начин.

Дали може да се каже дека ова значење барем малку личи на однесувањето на Стопанска банка Скопје!?

Редакцијата на Фактор “случајно“ ја прочитала објавата на СЕИНЕТ за Информации од 50-то Собрание на акционери на Стопанска банка Скопје одржано на 31.5.2022 година и во наведената статија екстатично воскликнува дека ова е преседан во 30 годишната корпоративна историја и дека најголемиот акционер на банката направил гест за длабок наклон за тоа што банката ќе ангажира и ќе плати квалификувана и професионално прифатлива реномирана компанија која ќе даде свој предлог за можна конверзија на приоритетните во обични акции. И дека, Банката уверува дека проценката ќе биде правична, стручна и објективна основа за соодносот при можна конверзија на приоритетни во обични акции.

Се поставува прашање зошто Банката после 5 години од првото барање на акционерите за конверзија и неколку повторени предлози до Собранието на акционери дури сега ќе започнува ваква постапка со ангажирање на независен експерт кој ќе биде платен од неа да даде предлог за соодносот на конверзијата на акциите.

И дали воопшто има простор за дилема за правилото за конверзија, кога самата дефиниција на акцијата и во Законот за трговски друштво и во Законот за хартии од вредност како хартија во којашто е претставен дел од основната главнина и во која се отелотворуваат правата на акционерот.

А тој дел е поставен при основањето на акционерското друштво и секоја промена на делот од основната главнина во корист на обичните акции претставува одземање на делот од основната главнина на приоритетните акции и акт на разбојништво. И дали има потреба од такво ангажирање кога веќе има случаи од пракса: Комерцијална банка, Уни банка, Стопанска банка Битола, македонски банки кои приоритетните акции ги конвертираа во обични според соодносот на номиналната вредност на едните и другите ации.

Дали со наведениот „великодушен“ предлог, како што е крстен од редакцијата на Фактор, Банката подготвува терен за давање на уште еден “непристоен предлог“ на имателите на приоритетни акции односно конверзија во помал сооднос на номиналната вредност на приоритетните акции во однос на обичните.

Ваков обид Банката практикуваше на неколку пати преку директно убедување на неколку големи иматели на приоритетни акции со поголем број акции, а и преку порталот Фактор во написот од мај 2022 година дека во овие услови тоа е одлична можност за имателите на приоритетни акции, во стилот – и така се ви земавме, па ова што го нудиме е најдоброто што може да го добиете и затоа треба да прифатите.

И затоа, за толку фалениот предлог на Стопанска банка Скопје може само да се каже “Не им верувај на Данајците ни дарови кога носат“.