„Ниту еден посериозен процес во Македонија во овие 30 години не поминал без помош однадвор, било да станува збор за некаква реформа, во доменот на политиката, економијата, образованието, здравството, владеењето на правото и борбата против корупцијата, политички превирања, или за други процеси важни за државата и нејзините граѓани. Капацитетот и на институциите и на поединците во државната администрација се намалува.“ – се вели во анализата со наслов „Каде ‘исчезна’ потенцијалот на Македонија?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„И носителите на највисоки државни функции не веруваат во себе и во своите институции“
Покрај другото, во анализата пишува: „Државата нема сопствени капацитети, приспособливи приоди, развојни системи и компетентни луѓе, за да се справи со предизвиците. Способните луѓе не можат да дојдат до израз, бидејќи функциите ги запоседнуваат партиски кадри, поставени по лидерски клуч, што воопшто не можат да одговорат на предизвиците, пред кои е исправена секоја држава. Правосудството и системската корупција се најнов пример, со кој самите покажуваме дека во земјава нема капацитет да се заврши со сопствени сили дословно ниедна системска работа.“
„Според нашите соговорници, дадовме отворена покана за доаѓањето на американскиот специјален тим за борба со корупцијата за помош, кој треба за да се зафати со расчистување на оваа негативна општествена појава, откако Македонија не покажа никаков капацитет, а ниту политичка волја, за да спроведе една таква операција.“
„Македонските граѓани со години се наслушаа констатации од типот дека ‘без камшикар однадвор ние не сме способни ништо да направиме сами’, но клучното прашање е: врз чиј грб треба да удри камшикот? Дали врз грбот на оние, што 30 години раководат со државата на ист или сличен султан-принцип и притоа градат систем на клиентелизам, корупција, непотизам и партизација? Или врз грбот на граѓаните, кои дозволиле и сѐ уште дозволуваат да не се направат длабоки промени во изборот на нивните претставници во власта? На што одат милионите евра пари на граѓаните за плати и придонеси на огромната администрација, на големиот број министерства, агенции, институции, кога на крајот сè се сведува на констатацијата дека ‘немаме капацитет’?!“
„Според Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, ниту функционерите не веруваат дека државата може да функционира самостојно, без интервенции однадвор. „Големото мнозинство ликови во политичките партии, повеќето или речиси сите, вклучувајќи и на врвните функции во државата, сегашни и поранешни не веруваат дека Македонија може да функционира како самостојна, суверена и независна држава. Затоа се назадува на повеќето, или на сите полиња и беспоговорно се слушаат секакви ‘предлози’ за решавање на нашите проблеми, особено од ‘меѓународната заедница’. Затоа се прифаќа сè и сешто, па и недостојни работи, во име на ‘светла ЕУ-иднина’.’ – констатира Кржаловски.“
„Тој појаснува дека странците цело време ни сугерираат сами да си ги решаваме проблемите, но тукашните функционери очекуваат проблемите да исчезнат сами кога ќе влеземе во ЕУ. ‘Сите странци, дипломати и добронамерници постојано ни укажуваат дека треба сами да си ги решиме проблемите и да заслужиме членство во ЕУ, а не да чекаме ЕУ да нè ‘спаси’ од сè што нѐ снаоѓа! Но со луѓе, што не веруваат во сопствените способности на државата, не може да се очекува решавање на кој било од крупните проблеми, во кои се наоѓаме, а уште помалку долгорочен развој на Македонија – истакнува Кржаловски.“





