Кржаловски: Денот на победата над фашизмот ја загатнува дилемата дали тој е победен навистина?

„Ниту 20 дена по парадирањето на бугарскиот државен врв во Битола за време на отворањето на бугарскиот културен клуб, именуван по докажаниот соработник на фашистичка Германија Ванчо Михајлов, Европската комисија не најде за потребно барем да ја предупреди Бугарија дека величањето фашистички ликови е спротивно на идејата на самата Европа. Европа премолча нешто, за што требаше остро да реагира остро.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Гласниот европски молк за новите изблици на фашизам“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Таневски пишува: „Европа денеска го слави 9 Мај, Денот на победата над фашизмот. Истовремено, денеска е и Денот на Европа, воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во настанувањето на ЕУ. Но 77 години подоцна, веќе не е јасно кого победила Европа во Втората светска војна и што се слави воопшто, ако се има предвид дека духот на фашизмот на европско тло е сè уште жив, а официјален Брисел молчаливо го одобрува.“

„Немањето реакција од страна на Европа говори дека таа на некој начин го одобрува, она што го прави Бугарија во Македонија, промовирајќи клубови именувани според соработник на фашистите. Лицемерно е денеска да се слави Денот на победата, ако истата таа Европа заборавила против кого се борела во Втората светска војна, за да дозволува сега повторно воскреснување на фашизмот од страна на некои земји-членки на Европската Унија и воопшто да не реагира.“

„За Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, молкот на Брисел е резултат на неговиот толерантен однос кон сопствените членки, дури и кога се однесуваат надвор од европските традиции и практики. ‘ЕУ е внимателна во вакви ситуации и ретко се изјаснува со ставови, или толкувања за личности од историјата, особено кога се работи за не толку познати (во ЕУ) и контроверзни ликови како Ванчо Михајлов, а особено не кога притоа треба да се изјасни против земја-членка на ЕУ наспроти земја-кандидат. Затоа и не изненадува многу што нема реакција, став, осуда од официјални лица од Европската Унија (или Комисијата, илиод ЕУ-делегацијата кај нас).’ – вели Кржаловски.“

„Тој потсетува дека односот на Европа околу фашизмот и немањето реакции од Брисел се отсликува и преку други примери што се случуваат на европско тло, а токму на Денот на победата над фашизмот ја загатнуваат дилемата дали фашизмот навистина е победен. Според него, Македонија не треба да очекува поддршка од ЕУ и некаква осуда кон Бугарија околу промовирањето фашистички соработници во земјава, иако тоа ќе беше добар гест од Брисел.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/glasniot-evropski-molk-za-novite-izblici-na-fashizam/