Кривични пријави против Талат Џафери, Неџбели Ибраими и Мартин Костовски, ќе поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи спротивно на уставот и законите овозможиле објавување на законот за двојазичност без потпис од Претседателот на Републиката, со што се воведува неуставна двојазичност. „Власта, иако свесна дека врши противправно дејствие и дека законот за двојазичност е неуставен, факт кој беше нотиран и од Претседателот на државата, но и од страна на многубројни еминентни правници одлучи да продолжи насилнички и незаконски“ изјави денеска портпаролот на партијата Игор Јанушев.
Според него, „Законот за двојазичност во Службен весник е пратен само со потпис на Талат Џафери, што е правен преседан и целосно безаконие…“, а „Ибраими, во својство на техничка служба немал никакво овластување да потпише“.
Директорот на „Службен весник“ Костовски, пак, е одговорен бидејќи не смеел да објави указ за прогласување на закон без потпис на ретседателот на државата, пренесува НОВА ТВ.
ВМРО-ДПМНЕ од Уставен суд ќе побара испитување на уставноста на Законот за јазиците.
Денеска таква иницијатива поднесе професорот Јове Кекеновски.





