Кривични пријави за укинувањето на колективниот договор во Министерството за земјоделство

Укинувањето на колективниот договор во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беше причина за остра реакција денеска од Синдикатот на работници од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и најава за кривични пријави.



„Најголем грев на овој колективен договор, беше тоа што во него стои одредба за исплата на јубилејни награди на вработените, право кое е дадено во Законот за работните односи и само допрецизирано во колективниот договор и заштита на вработените во најавената реформа и реорганизација на јавната администрација“, истакна на прес-конференција претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски.

Според Деановски, ова е класичен случај на „злосторничко здружување“ во кој се вклучени Државниот инспекторат за труд, МЗШВ и Владата. Додаде дека во иднина Владата може да посегне да откажува и други колективни договори со кои ќе се намалат правата на вработените.

„Согласно законските одредби, по отказот на колективниот договор истиот ќе може да се применува уште шест месеци, а потоа неговите одредби повеќе нема да важат. Ова значи дека припадниците на шумската полиција, кои земаат плата согласно одредбите на овој колективен договор, ќе земаат плата уште шест месеци“, рече Деановски.

Според него, намерата на Министерството била платите на припадниците на шумската полиција да се префрлат во закон и на тој начин да се заобиколи колективниот договор.

Со оглед на тоа дека колективниот договор ќе трае уште шест месеци, тој ги повика сите членови на Синдикатот на УПОЗ и сите вработени во Министерството за земјоделство да ги искористат сите поволности што ги дава колективниот договор и по пат на поднесување на тужби да ги остварат своите права, а за тоа Синдикатот на УПОЗ ќе даде бесплатна правна помош.

„ Го информирам и министерот за земјоделство дека против него и против други лица ќе бидат поднесени кривични пријави согласно член 166 став 1 од Кривичниот законик, поради неисполнување на правата од колективниот договор“, подвлече претседателот на Синдикатот на УПОЗ.

Додаде дека испратиле писмо до МЗШВ со којшто бараат да продолжат преговорите за потпишување на колективен договор според Законот за работни односи и дека ќе бараат поголеми плати и повеќе надоместоци.