Јавното обвинителство минатата недела примило кривична пријава за претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска која во моментов се анализира.
Кривичната пријава ја поднесол поранешен разузнавач кој во своите наводи дава “интересни” индиции за сторено кривично дело и наводи кои првично и неофицијално можат да се толкуваат како скандалозно кршење на законите, како што велат изворите во обвинителството.
Тие не го откриваат подносителот ниту членовите од кривичниот законик но тврдат дека се работи за сериозно основана пријава која што ќе биде тешко да се отфрли со оглед на кривично-правните аргументи и предочените законски претпоставки кои одат против Ивановска.
Според наводите, без да се откриваат детали, во Кривичната пријава Ивановска се товари дека поради нејасни причини криела факти за очигледни случаи на корупција на високи државни функционери во секторот безбедност и разузнавање, свесно кршела законски рокови, лажела за преземените дејствија по претставки за корупција и го манипулирала законот со предлагање на решенија кои не се во нејзиниот домен на работа.
Пријавата против Ивановска и уште едно лице помалку познато за широката јавност формално се уште е во предистражна постапка поради што ниту неофицијално ниту официјално обвинителството нема да може да открие повеќе детали во блиска иднина.






