Кривична против министер на ДУИ

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против актуелниот министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и неговиот претходник Лирим Шабани.



Тие се сомничат за незаконска исплата на хонорари во висина од околу 37 илјади евра.

Станува збор за наводна злоупотреба на фондовите на ИПА и оперативната програма меѓу Македонија и Бугарија. Две службенички преку четири договори како дополнително ангажирани лица добиле хонорари во вкупен износ од 2,2 милиони денари. Од Државниот завод за ревизија препорачале средствата да бидат вратени во ИПА-фондовите. Двајцата вчера демантираа дека биле направени злоупотреби.

Актуелниот министер Фазлиу тврди дека случајот е затворен пред една година кога на негово барање парите биле вратени.

На првиот човек на Финансиската полиција пак му порача да се занимава со реалните злоупотреби.

,,Апелирам до сите релевантни институции во државата, а исто и до финансиската полиција сериозно да се зафатат со истражување, откривање и документирање на злоупотребите, корупцијата во сите сегменти на државата, без да поштеди ниту поединец, ниту група на организиран криминал“ пренесува Канал 5.

Екс министерот Шабани пак во изјава за Плусинфо вели дека Министерството не е оштетено бидејќи вработените ги вратиле парите.