Полноќна експлозија пред два дена опустоши забна ординација на семејство од Македонија, сместена до амбулантата и седиштето на кметот на селото Ново Делчево кај бугарскиот град Сандански.
Полицијата ги истражува можните причини – од подметнат пожар до краток електричен спој, а кметот Валентин Апостолов за телевизијата БТВ изрази сомнеж дека станува збор за експлозивна направа.
„Фрлено е низ прозорецот за да се запали внатре. Ударниот бран исфрлил сè надвор на патот. Што мислите како се случило такво нешто? Сигурно е молотов коктел“, изјави тој.
Огнот што го зафатил објектот стигнал речиси до покривот, а направената штета е огромна – целата опрема изгорела.
Македонското семејство стопанисувало со ординацијата пет години, а заболекарите доаѓале по неколку дена во неделата. Услугите им биле поевтини во споредба со бугарските колеги.
„Многу добри луѓе што не газат ни на мравка. Не повишиле глас, ниту правеле скандали“, ги опиша Македонците кметот Апостолов.




