Испораката на тенкови во Украина нема да го промени текот на војната, тоа само ќе ги зголеми проблемите на украинскиот народ, изјави утринава пред новинарите портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.



Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува „цврсти одлуки“ на денешната средба на претставници на 50 земји на тема помош за Украина.

Украина долго време бара од Западот модерни тенкови.

Конфликтот во Украина се развива по нагорна траекторија, а учеството на Северноатлантската алијанса во него расте, рече Песков.

„ Го гледаме растечкото индиректно, а понекогаш и директно вклучување на земјите од НАТО во овој конфликт. Слушаме изјави кои укажуваат на апсолутна доминација на политичката волја и континуиран раст на оваа инволвираност“, одговори Песков на прашањето дали може да се каже дека е помината уште една точка на ескалација на конфликтот.

Портпаролот на Кремљ укажа и на придржувањето на другите земји кон „заблудата за можноста Украина да има каков било успех на бојното поле“. Според Песков, тоа е драматична грешка и Западот ќе зажали многукратно.