Русија предупреди на можна ескалација на војната против Украина, откако Германија се согласи да и испрати тенкови Леопард по неколкунеделен притисок од Киев и неговите сојузници.
Амбасадата на Русија во Германија соопшти дека одлуката да се одобри испраќање тенкови „Леопард 2“ во Украина значела дека Берлин ја напушта својата „историска одговорност кон Русија“ која произлегува од нацистичките злосторства во Втората светска војна.
Во жестока изјава, амбасадата предупредува дека испраќањето на тенковите ќе го ескалира конфликтот на ново ниво и ќе доведе до „трајна ескалација“.
„Оваа исклучително опасна одлука го подигнува конфликтот на ново ниво и е во спротивност со изјавите на германските политичари за неподготвеноста на Сојузна Република Германија да биде вовлечена во конфликтот“, рече амбасадорот Сергеј Нечаев.
Според него, таквата испорака неизбежно ќе доведе до „смрт не само на руските војници, туку и на цивилното население“.
Уште еднаш се уверивме дека Германија, но и нејзините најблиски сојузници, не се заинтересирани за дипломатско решение на украинската криза, посочи Нечаев.
Според него, со снабдувањето на Украина со потешко оружје, Берлин „ги уништил остатоците од меѓусебната доверба и предизвикал непоправлива штета на и онака лошата состојба на руско-германските односи“.







