Креативно “властосудство”: Камчев е приведен за изборна измама

Во текст со наслов “Што ли нема да смислат – Камчев го привеле за божемна изборна измама?!”, порталот Плусинфо објавува дека повеќе од два часа по спроведувањето во полициска станица, на бизнисменот Јордан Камчев му е соопштено само едно – дека е приведен за божемна изборна измама, поради која наводно се подготвувал за бегство.



Од извори блиски на Камчев, порталот дознава дека тој немал никака намера за бегство, што може лесно да се заклучи од некои неспорни и лесно проверливи факти.

“Бизнисменот Камчев не поседува пасош, а тоа значи дека не може легално да ја напушти земјава и да се даде во бегство. Од друга страна целото негово семејство, вклучувајќи ги и децата, е во Скопје.

Исто така, сопственикот на „Орка холдинг“ во моментов подготвува крупни инвестиции во Македонија, но и во Белград. Општо познато е дека тој буквално секој ден е ангажиран во менаџирањето на клиничката болница “Аџибадем систина” и особено на нејзиниот ковид- центар.

– Кој човек во таква ситуација и со тако активности би планирал бегство од земјата? – зачудено велат негови блиски”, пишува порталот.

Досега во медиумите беа објавени повеќе шпекулации дека спроведувањето на Камчев во полициска станица е поврзано со случаите „Империја““ и “Плацеви на Водно“. Исто така, се шпекулираше дека АНБ имала цврсти информации дека тој се подготува за бегство.

“Дека сето ова веројатно е неточно, говори и тоа што на бизнисменот му било кажано дека е спроведен во полиција поради некаква изборна измама, за која тој не знае ништо”, пишува плусинфо.мк.

Со информацијата за наводна изборна измама растат сомневањата дека приведувањето на Орце Камчев е изрежирана за да се покријат крупните и други скандали на власта, кои во текот на оваа недела беа обелоденувани по неколку секој ден.

Орце Камчев последен пат на избори учествувал пред 23 години во 1998 година кога не стана пратеник од редовите на СДСМ.

Во 2003 година тој ја напушта партијата и веќе не се занимава со политика.

Доколку Камчев се апси за изборен криминал од изборите во 1998 година тоа ќе биде прв случај било која власт да отвара предмет стар 22 години.