Цели 16 месеци македонските власти не исполнуваат за нив едно банално барање кое што може да ги намали нивните лични тензиите со партнерите со кои планираат како да ги задоволат бугарските апетити на сметка на Македонците.
Ова барање е содржано во таканаречениот објаснувачки документ на Бугарската влада испратен до ЕУ во јануари 2020 година а кој во Македонија беше објавен во март минатата година.
Во објаснувачкиот документ меѓу повеќето за Бугарија спорни точки стои и употребата на краткото име на Македонија кое според Преспанскиот договор е Северна Македонија.
Ова кратко име за Бугарија означува можност пред светот да биде разбрано како територијална претензија на Македонија кон Бугарија и затоа го става меѓу суштинските пречки за почетокот на преговорите со ЕУ.
Владата на Зоран Заев која досега направи десетици чекори спротивни на македонските национални интереси можеше многу едноставно да направи уште еден сличен и да го спроведе барањето на Бугарија за краткото име.
За да го тргне од дневен ред ова прашање Заев, Османи и Димитров требаа само да испратат кратко протоколарно писмо дека краткото име не значи територијална претензија кон соседите и Бугарија.
Но тоа од непознати причини барем според официјалните соопштенија на владата и МНР не се случило.
Со оглед на тоа што македонските власти сигурно немаат територијални идеи ова нечинење дава друга димензија на проблемот но и индиректна потврда на дел од моите бугарски извори кои подолго време тврдат дека Бугарија сака проблемот со Македонија да го реши со формула по урнекот на референцата ФИРОМ.
За дел од бугарските стратези за Бугарија е прифатливо Македонија во меѓународна употреба да се именува со кратенката РСМ по истиот принцип со кој на барање на Грција ФИРОМ се користеше над 25 години на повеќе нивоа.
Сега кога Бугарија во обид да го добие тоа што е зацртано во својата Рамковна позиција а свесна дека ако Заев прифати позиција на “Еден јазик, еден народ, две држави” ќе виси како Мусолини, бугарските стратези се обидуваат да наметнат премолчено или формално одобрување од Македонија секаде каде што може, да се именува како РСМ.
Со тоа ќе се избегне употребата на името Македонија но и нешто друго.
Идејата на дел од планерите во Софија е сите придавки и сите именувања да се црпат од таа кратенка која што по ФИРОМЦИ треба да произведе РСМОВЦИ.
Па така наместо Македонци Бугарија сака да наметне секаде да се користи граѓани на РСМ, јазикот наместо Македонски, јазик на РСМ, државјанство на РСМ, националност на РСМ па дури и за верниците на МПЦ-ОА да се користи верници на православната црква на РСМ.
Оваа позиција доколку се отвори простор од владата на Заев ќе биде поддржана и од моќното грчко лоби во ЕУ, ОН и други организации.
Оваа апсурдна колумна (која некому крајно погрешно може да му заличи на одбрана на Северна) ќе беше беспредметна доколку владата го прифатеше барањето на Бугарија да испрати писмо во кое ќе гарантира дека нема територијални претензии кон никого со користење на краткото име Северна Македонија согласно Преспанскиот договор.
Со испраќање на вакво писмо до ОН и другите меѓународни организации и институции ова сценарио на влијателни сили во Софија паѓа во вода и колку толку останува можноста за употреба на опциите Македонци, македонски иако тие со чекорите преземени досега од страна на оваа влада во Скопје се на работ на исчезнување.
Доколку владата најитно не го испрати бараното писмо тогаш извесно е дека ФИРОМ методот е се уште во игра и дека ни се заканува и тоа малку Македонци што го имаме да се претвори во граѓани на РСМ односно Рсмовци.
Делот од објаснувачкиот документ на Бугарија во кој се зборува за краткото име а кој е објавен пред цели 16 месеци:
Проблемот со името
Бугарија повеќепати ги повикуваше институциите на ЕУ да го користат уставното име на Република Северна Македонија во сите официјални документи на ЕУ.
Во 1992 година, Бугарија прва ја призна тогашната Република Македонија со уставното име. Со текот на годините, Бугарија беше доследна и конструктивна, не се спротивставуваше на употребата на името, кое нејзиниот близок сосед суверено го избра и го запиша како официјално и уставно во нејзината највисока законска норма.
Бугарија никогаш не интервенирала во 27-годишниот спор за името со Грција, но постојано предупредувала на усвојување географска дефиниција како дел од новото име, бидејќи тоа може да покрене понатамошни проблеми во регионот и да покрене неосновани тврдења против Бугарија.
Цели 80 години Скопје молчеше за десетиците илјади убиени Бугари и над 100 000 уапсени од 1944 година
Новото уставно име „Република Северна Македонија“ содржи ваква географска дефиниција. Изборното кратко име Северна Македонија јасно се однесува на географски регион, чиј дел спаѓа во суверената територија на соседните земји, вклучително и Бугарија. Затоа, со цел да се избегнат недоразбирања или погрешно толкување, на 7 мај 2019 година, Бугарија ги информираше ООН дека во духот на блискососедската соработка и поддршка ќе го користи уставното име „Република Северна Македонија“ ерга омнес како единствено име на оваа земја.
Ова прашање може да се затвори откако Република Северна Македонија официјално ќе се изјасни до ООН и сите други меѓународни организации дека употребата на краткото име на државата предвидена во Договорот од Преспа се однесува само на политичкиот субјект „Република Северна Македонија“, а не до географскиот регион Северна Македонија.






