Кралот на Мароко прогласи тридневна жалост

Бројот на загинатите по катастрофалниот земјотрес се искачи на над 2.000 луѓе, а повеќе од 1.200 луѓе беа повредени.



Кралот на Мароко прогласи тридневна жалост за жртвите од разорниот земјотрес со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала што го потресе Маракеш и неговата околина. Знамињата ќе бидат на половина копје, јавува Би-Би-Си..

Кралот на Мароко Мохамед Шести најави дека ќе им нареди на вооружените сили да испратат спасувачки тимови во погодените региони за да донесат чиста вода за пиење, храна, шатори и ќебиња.

Мохамед Шести нареди да се формира специјална комисија за помош на погодените од земјотресот и за дистрибуција на хуманитарна помош.

Болниците во Маракеш се преполни, а локалните власти ги повикуваат граѓаните да даруваат крв.

Во Маракеш, чиј стар град беше вклучен на светската листа на УНЕСКО, штетите се значителни. Историската џамија Џемаа ел Фна делумно се урна.

Мароканската влада ги предупреди луѓето од погодените области да не се враќаат во своите домови поради ризикот од последователни потреси.

Стравовите се сосема реални – афтершок со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала бил регистриран 19 минути по силниот земјотрес во петокот вечерта.