Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) преку соопштение информираше дека со новите ковид мерки, со кои за влез во спортска обложувалница се бара сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид во последните 45 дена, драстично е опаднат прометот, според проценките на членките на АСОМ за речиси 50% што директно значи и намален приход во државниот буџет.
„Со ова е загрозен опстанокот на оваа стопанска гранка и во прашање се доведени работните места на повеќе од 3.500 директно вработени во спортските обложувалници и преку 50.000 вработени во други дејности коишто зависат од работењето на обложувалниците.
Бараме Владата и Комисијата за заразни болести да направат итна промена на мерките за спортските обложувалници, односно тие да бидат изземени од објектите во кои при влез задолжително треба да се поседува и прикаже сертификат за вакцинација или тест за прележан ковид во последните 45 дена, апелираат од АСОМ.
Во спротивно, бараме итно носење на економски мерки за помош со кои би се помогнало на спортските обложувалници, но и на сите други субјетки кои се соочуваат со истиот проблем, а во насока на поддршка за одржливост на бизнисот и зачувување на работните места.







