Ковид пасош за пат кон Небесата – пишува Свето Тоевски

Владиката Петар предупреди во гостување на ТВ АЛФА дека за „невакцинираните нема место во Царството небесно“ , „бидејќи се на извесен начин потенцијални самоубијци, а за самоубијците, според Црквата, нема место во Царството небесно“.

Дали оние што ќе се населат во Рајот, штом се вакцинирале, ќе треба да понесат со себе и ковид – пасош, како доказ дека биле „кротки јагниња во стадото на фармацевтските пастири“? Со која вакцина мора да бидат вакцинирани? Мора ли да биде „фајзер“, „модерна“ или „астразенека“, или ќе може и со „спутник“, „синофарм“ и „синовак“? Или Синодот на МПЦ ќе ги следи препораките на Европската агенција за лекови, па ќе каже „не“ за „спутник“?




Дедо владика Петар: ако се согласат вакцинираните да добијат и трета, „засилувачка“ доза на вакцина, дали ќе добијат место погоре во Небесата? Но, ако одбијат, а тоа биде наложено од световните власти (читај: политичарите) и од МПЦ, ќе мора ли тие „недоволно непослушни“ вакцинирани да се задоволат да бидат сместени некаде во некое поскромно ќоше во Царството небесно?

Ваше преосвештенство, што ќе се прави со оние што нема да имаат ковид – пасош како вакцинирани? Навистина нив нема да ги примат Горе, во Небесата? Та невакцинирани ги има десеттици и десеттици илјади само во Македонија, а во светот милиони и милиони?! Не ќе ли биде добро Синодот на Македонската православна црква за невакцинираните во Македонија да извади пари од своето азно, да купи вакцини и тие да се вакцинираат, за да не останат без своето место во Рајот? Секако, кој ќе сака да се вакцинира… Сепак, искрено кажано, невакцинираните не ми наликуваат како „потенцијални самоубијци“…

Да преминеме сега на реалноста и да проговориме сериозно. Дедо владика Петар, вие и другите ваши колеги – владици на МПЦ (чест на исклучоците, ако ги има) го изгубивте компасот со реалноста, па сега наложувате де учество во пописот, де задолжително вакцинирање! Пред осум години Синодот на МПЦ дури и забрани свештениците, монасите и владиците да користат фејсбук. И тогаш на иницијатива на владиката Петар! Не губете од ум дека македонскиот народ, иако е вака молчалив, сепак е доволно е умен и си знае сам што треба да прави, а што не треба да прави! Македонската православна црква секогаш низ минатите векови била со македонскиот народ и го предводела како негов духовен столб и заштитник. Арно ама, денес не е така.

Владико, оставете го пописот, оставете ги вакцините, попрво мислете му ја вие што ќе правите со македонската црковна автокефалност, развивана 54 години досега, како да ја зачувате. Мислете му ја на „Мајката“ Бугарска црква, која не ве прима во прегратка, колку и да ја молите. Мислете му ја што ќе правите со Вартоломеј, патријархот вселенски, кој ви готви „томос за признавање“ (читај: грчко – фанариотски акт за обезименување и демакедонизирање на МПЦ) и пазете што мисли народот македонски за сево ова!


Дедо владика Петар, мислам дека би требало народот час поскоро да одржи свој, македонски црковно – народен собор со присуство на свештеници и мирјани – православни верници од цела Македонија, па на таквиот собор сите вие, вакви владици, да бидете отстранети од Синодот на МПЦ, до еден. За да не му делите на народот такви „високоумни“ совети како вашите и со цел да се изберат нови МАКЕДОНСКИ, НАРОДНИ владици, кои со своето жезло ќе му го покажат Македонецот патот кон опстојот во сегашните безидентитетски ветрометини!

МПЦ е на судбински крстопат и сега се потребни владици, на кои не им е најважен мирисот на парите, на кои не им е најважно да се возат во скапи џипови. Потребни се такви црковни великодостојници, кои ќе застанат до својот народ, во негова заштита, и кои ќе ја продолжат денес мисијата на Свети Климент, Свети Наум Охридски и другите столбови на Охридската Архиепископија, олицетворена во Македонската православна црква.