Грција вчера регистрира нов негативен рекорд од 262 новозаразени со коронавирус во еден ден, што предизвика огромна загриженост кај здравствените власти.
Професорот по инфективни болести Никос Сипсас упати драматичен повик кон граѓаните, барајќи од нив почитување на мерките за заштита, „инаку ќе имаме милион мртви“!
Иако бројот на пациенти на респиратор е мал, тој е удвоен во август, а епидемиолозите нагласуваат дека е падната средната возраст на пациентите, посочувајќи го примерот со 27-годишната заболена докторка од Лариса. Првите симптоми таа ги покажала по враќањето од одмор од Халкидики, била ставена во карантин, но вчера попладне состојбата ѝ се влошила и била преместена во Универзитетската болница во Лариса, каде што е поставена на респиратор.
Новите позитивни случаи се најбројни во двата најголеми грчки града – во Солун вчера беа регистрирани 85, а во главниот град Атина 66.
Вкупниот број на Ковид дијагностицирани во Грција од почетокот на пандемијата е 6.177, од кои 1.528 се поврзани со патување во странство. Од активните 2.157 случаи, 24 се приклучени на машина за механичка вентилација, а просечната возраст им е 63 години.
Вчера починаа двајца заболени, со што вкупниот број достигна 216. Просечната возраст на жртвите од Ковид-19 кај јужниот сосед е 76 години, а 96 отсто од нив имале основно заболување или возраст над 70 години.






