„Во Министерството за одбрана (МО) се крие случај на висок службеник, вработен во кабинет на Министерството за одбрана, кој од пред 10 дена е уапсен во Турција за нелегална трговија. Сега не знаат како да го оправдаат отсуството на службеникот, па го водат на слободни денови или на годишен одмор. А тој е во затвор во странска држава!“ – ова е само еден од серијата на тешки скандали во македонската одбрана, во Армијата на Република Македонија, но и во самото ресорно министерство, за кои според секој надлежен закон на оваа држава би морало веднаш да се оди во затвор и за кои алармира Драган Ковачки, пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Но, ресорното Министерство за одбрана „мудро“ си молчи!
Покрај другото, на својот фејсбук-профил Ковачки го обелоденува и ова: Раководството на Министерството за одбрана, како и секоја година досега, не склучило договори за превоз на војниците и старешините за најголем број на релации. Замислете да сте министер за одбрана на земја членка на НАТО, а да не можете да обезбедите превоз за сопствените војници!
Се предлага како заменик-министер лице, за кое просветен инспектор има утврдено дека има спорна диплома и кое за време на настаните од 27 април било Министер за внатрешни работи, а не одговараше за ништо, додека сите негови потчинети се осудени за тероризам на 300 години затвор!
Во овој момент магацините на АРМ се празни, нема основни намирници за исхрана. Ако тоа што е елементарно не го можете, тогаш како, на кој начин ќе ја подобрите состојбата поврзана со борбената готовност?! Тоа е министерството, во кое прием на војници се врши во партискиот огранок на СДСМ во Арачиново, на што беше сведок македонската јавност преку соопштението, кое беше јавно достапно и од кое СДСМ се огради, но процесот не застана тука. Раководството на Министерството за одбрана повторно си продолжи, како и до сега.
Тоа е министерството, за кое доставивме документи за корупција во највисоките редови на МО, а случајот се забошоти и нема одговорност. Министерството за одбрана исплаќало плати на лица, кои се со ограничена или трајна спреченост – неспособност за воена служба, па требаше генералите да им укажат дека тоа е спротивно на законите и оти е штетно за Армијата на Република Македонија, за да прекинат со тоа.
Во истото Министерство за одбрана се вработени лица, кои не ги исполнувале условите за прием, односно немале соодветна квалификација, што е пропишано со правилата. Вработени се и лица, кои ги поминале тестовите за прием после неколкукратно полагање, што е недозволено.
Значи, корупцијата ја јаде македонската одбрана, а никој не презема ништо и со тоа непреземање се стимулира овој процес, односно станува ПРАВИЛО и нормалност.





