„На средбата со македонскиот министер за надворешни работи, бугарскиот премиер изјави дека “Црните традиции на палење, стрелање и нaсилство, по што е истoриски позната, се враќаат во Македонија.” Во присуство на наш министер ни рекоа дека имаме црни традиции на палење, стрелање и насилство. Внимавајте, Ние, Македонците сме имале такви традиции. Демек, ние, Македонците на македонските херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур им ги киневме ноктите од рацете и нозете и ги тепавме до непрепознавање па ги фрлавме низ прозор, ние Македонците си ги стрелавме 12-те деца од Ваташа и демек ние Македонците ги депортиравме Евреите од Македонија во Втората светска војна.“ – револтирано им возвраќа Драган Ковачки, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, на службениот министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков и на Бујар Османи, човекот што треба да биде министер за надворешни работи на Македонија, а претставува се друго, само не таков министер.
На својот фејсбук Ковачки нагласува: Ете ние, Македонија и Македонците по тоа сме биле историски познати. Премиерот на Бугарија измислува и јавно говори, а овој нашиот министер до него молчи. Значи, министерот што доаѓа од државата, во која не се почитуваше највисокото демократско право – референдумот и во која власта го смени името со закани, уцени и поткуп, од државата, која ја понижуваат од надвор а ја крадат одвнатре, молчи пред обвинувањата дека истата таа држава имала црни традиции на палење, стрелање и насилство.
Бидејќи Бујар Османи не реагираше на обвинувањата, тогаш е очигледно дека тој не си ја познава историјата на државата, која го плаќа за да и ги брани интересите, или се согласува со кажаното од премиерот на Бугарија. Македонија никогаш порано немала на власт такви мекотелци и неспособни, кои ги плаќала, за да ја навредуваат и понижуваат.





