Ковачки: Македонија се избламира пред НАТО

Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска ги прозва шефот на државата и министерката за одбрана да одговорат кој и зошто ги прекршил процедурите при номинациите за воен претставник на Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, што претставува блам пред Алијансата.



„ Тие двајца ја понижуваат и Македонија и Алијансата, со самото тоа што две ипол години немаме наш воен претставник во НАТО. Четири години сте власт во државата, а се однесувате како да сте опозиција. Јавноста мора веднаш да добие одговор на прашањата: Дали Шекеринска знаела дека постои безбедносна пречка за лицата што ги номинирала, и ако знаела, зошто го довела во заблуда претседателот на државата да дава согласност и да ја срами државата пред нашите сојузници?

Дали Пендаровски ќе побара одговорност од Шекеринска, затоа што го довела во заблуда или ќе си одмолчи и релативизира? Ако не е запазена процедурата за избор, зошто не е, и кој е тој, односно таа што е над процедурите за да може да одлучува по сопствено, односно партиско убедување“, рече Ковачки.

Тој  упати прашање до СДСМ да одговори зашто партијата дава одговори во име на Министерството за одбрана и на претседателот на државата?