Драган Ковачки, пратеник во Собранието на Република Македонија и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, реагираше со жесток напад кон претседателот Стево Пендаровски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, откако од кабинетот на Пендаровски му било искажано „охрабрување“ „да ги достави до надлежните институции сите сознанија, кои ги има за случаи на сексуално вознемирување во Армијата, со цел да се преземат натамошни соодветни дејства“.
Претходно, Ковачки јавно обелодени дека „постојат сериозни случаи на злоупотреба на службената позиција и сексуално малтретирање на офицерки и воени лица од страна на високи офицери, кои за возврат им ветувале школување на Воената академија и друга корист“. Реагирајќи денес преку својот-фејсбук профил во врска со упатеното „охрабрување“, Ковачки му возврати на Пендаровски со „Отворено писмо“, чии наводи во еднаква мера се однесуваат и на министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Ковачки пишува: Отворено писмо до Претседателот Пендаровски, кој кажал дека не знаел за скандалот со изнуда на сексуални услуги во АРМ и дал совет информациите да ги пријавам во надлежни институции.
Претседателе Пендаровски, зошто бегате од одговорност? Барате од мене да доставам информации до надлежни институции, а ВИЕ СТЕ надлежна институција, како врховен командант. Барате од мене да ви доставам информации за изнудите на сексуални услуги. Во ред, се согласувам, кажете кога имате термин од овој момент па во следните денови, во било кое време на денот и ноќта, кога ќе одлучите, ви стојам на располагање да дојдам кај институцијата Претседател.
Но, најпрвин би ве упатил институционално, односно за да се информирате за тоа од министерката за одбрана Славјанка Петровска, која од собраниска говорница ПОТВРДИ дека знаела за изнудите на сексуални услуги од високите офицери, но дека не преземала ништо против нив, со што сметам дека создала услови дејанијата да бидат повторувани во недоглед. Не сте преземале ништо ниту вие, со што и вие создавате услови овие дејанија да продолжат да се повторуваат.
Знаете дека офицерите во ранг генерал и полковник се во ваша директна надлежност и за тоа според службена должност требало да ве информира министерката за одбрана Петровска. Не сакам да се сомневам дека таквата информација таа ја сокрила од вас. Лично сметам дека таа ве информирала, но и оти заеднички сте се договориле да го забошотите случајот и да не преземете најстроги дисциплински мерки.
Ако министерката не ве информирала, тогаш тоа е сигнал дека има нефункционалност на комуникацијата меѓу врховен командант и министер за одбрана, а особено поврзана со случувања, кои може да влијаат и врз борбената готовност на Армијата на Република Македонија. И во двата случаи – и да сте знаеле (а сметам дека сте знаеле) и да не сте знаеле (како што сакате да изгледа) е подеднакво поразително за вас. Мора да се расчисти: кој учествувал во забошотувањето на случајот и зошто? Мора да има одговорност за сите вмешани.





