По примерот на својот претходник Зоран Заев, премиерот Димитар Ковачевски продолжува да тврди дека македонскиот идентитет е признат и заштитен, наспроти констатацијата на белградска „Политика“ во интервјуто со него дека „Бугарија зачекори во Битола, газејќи ги македонскиот идентитет и гордост“.
„На патот на евроинтегративните процеси, Северна Македонија наиде на бројни пречки од соседите – Грција и Бугарија. Бугарија зачекори во Битола газејќи го македонскиот идентитет и гордост. Колку е висока цената на компромисите и условите наметнати на Северна Македонија за влез во ЕУ, имајќи предвид дека Европа не се придржува до договорот?“, го праша новинарот Ковачевски, а тој одговори: „Северна Македонија ги започна преговорите со Европската унија на 19 јули. Денеска сме многу поблиску до остварување на уште една стратешка цел. И тоа го направивме како Македонци, кои го зборуваат македонскиот јазик, со јасни идентитетски обележја препознаени од нашите пријатели во Европската унија. Нашиот идентитет е заштитен, што е огромен успех за нашата земја. Непринципиелни тврдења и дневнополитички агенди имало и ќе има. Во основа, ниту една земја немаше лесен пат до целосна европска интеграција. Остануваме посветени на нашите цели, не отстапуваме од нив, но не можеме да одиме назад зошто тоа некому му служи за добивање ситни политички поени. Мораме напред“.






