
Минува еден од ретките денови без лажни дојави за поставени бомби во основни и средни училишта, државни институции, јавни установи, аеродроми во Македонија.
Прашање кое навидум почна наивно и за кое првично се сметаше дека е можеби изолиран случај на нечија несолена шега, прерасна во проблем кој предизвикува паника, губење настава, отсуство од работа, мобилизација на полициски единици, нарушување на нормалното функционирање на државата – пишува Гласот на Америка.
„Ние, како систем не сме ја загубиле оваа сајбер-војна и нема да ја загубиме. Оваа сајбер-војна и овие хибридни напади се дел од војната што се води во Украина и тоа веќе на сите ни е јасно, бидејќи не се случува само кај нас, туку и кај голем број држави членки на НАТО. Согласно со процедурите, прописите и протоколите за борба против тероризам, бидејќи се работи за дојави за бомби, тие мора да спроведуваат процедури пропишани согласно закон, како и во сите други држави. За да се спречи напуштање на училиштата, МВР и МОН секојдневно работат со цел да се изнајде начин како да се спроведат процедури кои ќе обезбедат сигурност дека се работи за лажна дојава на бомба, а децата да можат да посетуваат настава.“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Македонија.
Од денеска на сила е ново упатство за постапување во ситуација на тероризам што повлекува и нови насоки за делување на полицијата. МВР, како што изјави министерот за внатрешни работи, веќе патролно ги обезбедува сите училишта 24 часа.
„Интензивно работиме со Министерството за образование и наука и веќе се направени одредени усогласувања. Ќе почне и комуникацијата меѓу нашите Сектори за внатрешни работи и образовните институции, заради тоа што сите треба заеднички да постапуваме за да дојдеме до решение во кое учениците ќе бидат безбедни и безбедно ќе се одвива наставниот процес“, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.





