На покана на германскиот канцелар Олаф Шолц, денеска во официјална посета на Германија замина премиерот Димитар Ковачевски.
Годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на диломатските односи меѓу двете земји, а премиерот Ковачевски на покана на германскиот канцелар ја предводи владината делегација во Берлин.
Билатералните односи и соработката меѓу Македонија и Германија ќе бидат главните теми на разговорите, а дополнително, ќе се разговара и за германската поддршка на македонскиот евро-интеграциски пат, реформскиот процес насочен кон исполнување на стандардите на ЕУ и други актуелни прашања од регионален и европски безбедносен аспект.
Денеска, пак, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ е во еднодневна посета на Кралството Данска, на покана на данскиот министер за надворешни работи и поранешен премиер Ларс Локе Расмусен.
Маричиќ ќе учествува на конференција по повод 30-годишнината од копенхашките критериуми.
Како што информира Секретаријат за европски прашања (СЕП), Маричиќ ќе има обраќање во втората сесија „Моменталните земји кандидати: предизвици, можности и начини за напредување“ на панелот на тема: „Улогата на Копенхашките критериуми во реформските процеси на Западен Балкан“.






