Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе престојува во работна посета на Атина каде главна тема на разговорите ќе биде енергетската криза и начините како таа да се надмине.



По денешната средба ќе се знае дали ќе има доволно енергенти по поволна цена што ќе овозможи компаниите во земјава да ја пребродат зимата и да не стават клуч на врата.

Претходно, со истата агенда, премиерот Ковачевски беше во Софија, каде што начелно договори пренос на околу 200 мегавати на час електрична енергија, односно околу 5 гигавати дневно со бугарската страна, за што веќе работни групи од двете земји ги прецизираат деталите. Исто така, беше договорено и користење на бугарските капацитети за складирање течен гас, како и изградба на интерконектор за пренос на природен гас, покрај постојната гасоводна врска.

Ковачевски ќе се сретне со грчкиот колега Киријакос Мицотакис.

Портпаролот на грчката влада на вчерашниот брифинг со новинарите соопштил дека од денешната средба се очекуваат „идеи и начини кои ќе ја зајакнат стабилноста во регионот во енергетскиот сектор…

Нашата земја има енергетски помогнато земји од регионот, подготвени сме да видиме како ова може да се стори и со други земји. Сакаме да сме центар на енергетска стабилност, енергетска безбедност и претпоставувам дека преку утрешната дискусија ќе произлезат идеи и начини кои уште повеќе ќе ја зајакнат стабилноста во енергетскиот дел пошироко во нашиот регион“, ја пренесе вчера МИА изјавата на Јанис Иконому.