Антикорупциска не може да ја одложи работата – Ковачевски мирен за предметот за надзорот на „Бехтел и Енка“

„Овој проект кога ќе започне, ќе ангажира огромен број македонски фирми и вработени во земјата, а ќе работат дополнително и странски експерти и работници со цел побрзо и квалитетно завршување на автопатиштата“. Ако фалат работници, тврди премиерот Димитар Ковачевски, ќе се донесат од странство



Тоа што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет во врска со компаниите што ќе треба да прават надзор на изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ нема да ја одложи работата, смета премиерот Димитар Ковачевски.

„Бехтел и Енка“ кои треба да проектираат и да ги изградат автопатиштата, вели премиерот, потпишаа договор и тој е во сила.

„Прво, компанијата ‘Бехтел и Енка’ потпиша договор од над 400 страници со Владата кој е во сила и тие ќе почнат со проектирање и изведба на овој автопат. Ние досега сме работеле голем број инфраструктурни проекти кои биле правени по стариот принцип каде се работи посебно проектирање, па некогаш проектирањето трае со години, па потоа почнува изградба и проектот никогаш не завршува. Такви имате голем број низ Балканот. Овде станува збор за проектирање и изведба, каде она што испроектирала компанијата практично и го спроведува на терен и со тоа се забрзува работата на изведувањето на работите. Антикорупциска комисија нормално е да си ја работи својата работа во делот на она за што постојат сомнежи или одредени информации до нив. Меѓутоа, тоа не значи дека оваа работа што ја има ‘Бехтел и Енка’ ќе биде одложена“,изјави денеска Ковачевски.

Линк до целиот извештај.