Имаме и капацитет и институции што се доволно оспособени со стручни кадри кои можат да ги завршат преговорите и кои ќе ни овозможат да станеме членка на ЕУ до 2030 година. Но, секако, ова значи дека посветеноста на решавање на проблемите со корпуцијата, со судството и обвинителството ќе бидат предмет на разгледување и анализа од страна на ЕУ, вели во интервју за МИА премиерот Димитар Ковачевски.
„Судската власт е независна власт, јас ниту сакам ниту дозволувам мешање во нивната работа. Владата во рамки на своите ингеренции, обезбедува и понатаму ќе обезбедува услови за непречено и независно функционирање на судството, но ние сите заедно како општество мора да дадеме свој придонес во решавањето на корупцијата и секако да се осигураме дека судството како фела ќе изнајде решение кое ќе е по највисоки демократски стандарди и принципи и кое ќе обезбеди и денес и во иднина неприкосновена независност и интегритет во работењето“, вели Ковачевски.
Ковачевски нагласува дека она што како Влада им е важно е да се отстрани од јавниот дискурс прашањето за политичкото или партиското влијание врз судството.
„Затоа апелираме што поскоро да се обезбеди простор од страна на судските авторитети за изнаоѓање на демократко, системско решение кое ќе обезбеди долгорочно унапредување на владеењето на правото. Сето ова секако нема да е краток процес, но ние, ако сакаме да сме земја членка на ЕУ, едноставно, мора да го направиме тоа, а ние како Влада, посветено ќе работиме да овозможиме услови“, нагласува тој.
Премиерот оценува дека државава има преговарачки капацитети и капацитет за да спроведе реформи во сите области.







