Ковачевски се правда: Не сум „маша“ на Заев

Димитар Ковачевски изјави дека не го загрижуваат коментарите дека е човек на актуелниот премиер Зоран Заев и „маша“ која треба да ги продолжи „погубните“ политики на СДСМ, како што го обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.



„Не сум ничиј човек, туку човек со интегритет и големо професионално искуство соодветно за позицијата претседател на СДСМ“, изјави Ковачевски во интервју за МИА.

Тој вчера објави дека ќе се кандидира за лидер на СДСМ, откако во петокот Централниот одбор на партијата му ја утврди оставката на Зоран Заев и распиша внатрепартиски избори за 12 декември.

Ковачевски наведува дека „многу брзо“ ќе ги демантира „етикетите“ кои му ги дава опозицијата со тоа што, како што вели, ќе постигне резултати со работа.

„Мојот фокус е да донесам квалитетни промени кои граѓаните и нашите членови ги очекуваат, но и многу брзо ќе ги препознаат“, вели Ковачевски.

Тој додава дека државата освен решавањето на „историските проблеми со соседите“, треба да се фокусира и на клучните проблеми дома, на борбата со криминалот и корупцијата, реформи во судскиот систем, јакнење на економијата и подигнување на животниот стандард на граѓаните.