Ковачевски сам му ,,се намести” на јавното обвинителство од собраниската говорница (ВИДЕО)

Прикривање на кривично дело е причината за која премиерот Димитар Ковачевски може да биде гонет од јавното обвинителство по вчерашниот говор во Собранието.



Премиерот вчера во Собранието изјави дека се заколнал дека ќе ја говори само вистината пред да открие вршење на кривични дела во Министерството за одбрана.

Според Ковачевски кој има пристап до највисоките државни тајни во одбраната се случила кражба на документи и тргување на информации со домашни и странски служби.

,,Човек кој додека бил во АРМ кодошел, крадел документи, навредувал колешки и колеги, издавал информации, тргувал со нив со разни интерни и странски структури!”, изјави денеска премиерот од собраниската говорница во одговор на обраќањето до него од пратеникот Драган Ковачки кој е посочен како човек што ги сторил кривичните дела во министерството за одбрана.

Во Јавното обвинителство во моментов не се води истрага за предметите за кои Ковачевски вчера зборуваше во Собранието што укажува на две сценарија: Или премиерот лаже или свесно крие кривични дела.

Извори во Обвинителството велат дека премиерот до нив не доставил кривична пријава или информација за наведените кривични дела за кои проговори во парламентот.

Ковачевски како прв човек на владата и предходно како заменик министер за финансии овие дела морал да ги пријави во обвинителството затоа што во спротивно ако за нив знаел а не ги пријавил има посебна одговорност.

Непријавување на сторители на кривични дела и кривични дела е казниво според Јавното обвинителство кое на својот сајт објаснува дека Ковачевски како вршител на функција премиер во владата како државен орган има должност да пријави кривично дело.

,,Сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност, а за кои се известени или за нив дознале на друг начин. Поднесувајќи ја пријавата, пријавителите ќе ги наведат и доказите што им се познати и ќе преземат мерки за да се зачуваат трагите од кривичното дело, предметите што се употребени во неговото извршување или настанале од извршувањето и други докази”, пишува во објаснувањето кое го дава јавното обвинителство за пријавување на кривично дело.