Ковачевски прогласи победа за единствениот кандидат за градоначалник на Центар Жупа?!

Иако на повторените локални избори во Центар Жупа единствен кандидат за градоначалник беше досегашниот Аријан Ибраим, премиерот Димитар Ковачевски од „лице место“ го прогласи за победник?!



„Се потврди дека граѓаните знаат да изберат победнички концепт. Заедно со граѓаните сакам да ја честитам победата на Аријан Ибраим за градоначалник на Центар Жупа. Граѓаните на Центар Жупа со својата одлука потврдија дека знаат да изберат победнички концепт, знаат кој е вистинскиот правец по кој треба да се движи општината, но и државата. Граѓаните го поддржаа кандидатот на владејачката коалиција, предложен од ТДП“, изјави Ковачевски, нагласувајќи дека „тешко биле поразени оние кои сакале да не се избере градоначалник“.

На вторпат повторените избори Ибраим конечно избори трет мандат во низа, добивајќи над потребните најмалку една третина од гласовите на избирачите во општината.

Од ВМРО-ДПМНЕ го прашаа премиерот кого победил Ибраим, кога имало само еден кандидат.

„Изборите успеаја само поради тоа што сограѓаните од дијаспората се во Македонија. Истовремено, Ковачевски да каже кои се тие мрачни сили и да не ја замајува јавноста со неговите лаги и обиди за прикажување лажен триумфализам“, му порачаа на претседателот на Владата од најголемата опозициска партија.