
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека изборите ќе бидат редовни, а за датумите може да се разговара.
„Во однос на изборите имаме јасен став и тој е апсолвиран – дека ќе бидат редовни. Во однос на тајмингот, тоа е нешто за што може да се разговара. Во однос на тоа во кој месец ќе бидат, тоа е во согласност со роковите во Собранието и тука треба да седнат претставници на политичките партии на работно ниво, кои ќе разговараат за деталите“, порача Ковачевски.
Во врска со изјавата на шефот на државата, Пендаровски, дека можеби треба процесот на уставни измени да се остави за идниот состав на Парламентот, Ковачевски со став:
„Дека процесот на обезбедување двотретинско мнозинство ќе биде тежок, се знаеше уште на самиот почеток, исто како што беше со Преспанскиот договор. Треба да му се остави простор на ваков процес. Ова се одлуки, кои, за жал, секогаш некој во политичкиот спектар сака да ги искористи за свој личен ќар, да игра на емоциите на граѓаните, да игра на популизам, нешто што ќе му донесе личен или партиски бенефит на некои претпоставени избори. Политичари што се водени од личен интерес не може да направат ништо за својата држава. Од нас сега зависи дали Албанија ќе оди пред нас, како што Хрватска отиде пред нас“, рече премиерот и додаде:
„Не сакаме другите земји од регионот да отидат пред нас. Ги имаме Албанија, Црна Гора и Србија, кои преговараат, и не би сакал Македонија да се најде во друштво на БиХ и Косово во делот на преговорите со ЕУ. Земја што е лидер во европските интеграции во моментот и членка на НАТО треба да биде во друштво на другите земји во делот на пристапување“.
Доколку уставните измени не бидат усвоени, Ковачевски предупредува на „изолација, чекање, блокади и на крајот повторно седнување на маса и размислување како да се заврши процесот“.




