Ковачевски пак се изнервира, не сака новинарите да го прашуваат за внуците на Ахмети

Не ме прашувајте за внуци на друг политичар, прашајте ме за моите внуци – ова е одговорот на премиерот Ковачевски за случајот со внукот на Али Ахмети кој го купи екслузивниот Трговски центар во Скопје, „Соравиа“.



Опозицијата побара од Ковачевски да се расчисти овој случај и да се истражи од каде се парите, ама премиерот се огради од прашањата. Тој не одговори дали разговарал со Али Ахмети за последните случувања.

„Ме прашувате за внуци на друг политичар, за внуците на тој политичар, ќе го прашате тој политичар. Мене можете да ме прашате за моите внуци“, рече Ковачевски

Во меѓувреме се открива дека внуците на Ахмети имале и други бизниси со државата.

Не само што купил Трговски Центар во вредност од 30 милиони евра, туку внукот на Али Ахмети добил и концесија од државната ЕСМ за ископ на варовник во вредност од 3 милиони и 600 илјади денари, обелоденија од ВМРО – ДПМНЕ. Пратеникот Драган Ковачки, објави договор помеѓу државните електрани и фирмата на Дрин Ахмети во кој стои дека истата фирма имала концесија уште од претходната влада на СДСМ и ДУИ.

Договорот се однесува на купопродажба на варовник од страна на ЕСМ и изнесува околу 3.600.000 денари. Значи станува збор за фирма која што е од кланот на Ахмети и која што склучува договор со државната ЕСМ, значи ги троши народните пари. Симптоматично е што до нас стигна информација дека оваа фирма има само еден вработен. И сега доколку е тоа така како тогаш може тој еден вработен да подготви и апликација за тендерска документација, како може да ги врши ископи итн. Значи прилично сериозен случај како овој со купувањето на Соравиа и за кои што треба да се заинтересираат институциите – изјави Ковачки.