Наместо лидерска средба, треба час поскоро да се случат предвремени парламентарни избори и да излеземе сите со решение на проблемот што го направи Владата на ДУИ поддржана од СДСМ

Не ја исклучувам можноста во следниов период да се одржи нова лидерска средба на којашто ќе поразговараме за најзначајните прашања, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски, присетувајќи се на тоа дека последната лидерска средба се одржа во ноември минатата година, а и тогаш, како што рече, претседателите на политичките партии не разговарале само за уставните измени, туку и за останатите важни предизвици.
– Нова лидерска средба во моментов не е планирана, меѓутоа, јас не ја исклучувам таквата можност. Освен уставните измени, на една евентуална нова лидерска средба би се отвориле и други прашања од важност за државата – порача премиерот.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, утрово веднаш му „удри корпа“ на премиерот и му порача дека ставот за уставните измени не се менува и дека наместо лидерска средба подобро е да се случат предвремени парламентарни избори.
– Не треба да очекувате дека нашиот став ќе биде променет. Ставот е дека овој Парламент нема мандат за да менува Устав, бидејќи опозицијата не учествувала во креирање на тој договор, ниту, пак, се согласила на содржината од тој договор. Наместо лидерска средба, треба час поскоро да се случат предвремени парламентарни избори и да излеземе сите со решение на проблемот што го направи Владата на ДУИ поддржана од СДСМ, па граѓаните нека одлучат кому да ја дадат довербата. Постојат неколку опции, па граѓаните се тие што ќе дадат правец и насока каде да се движи Македонија – рече Мицкоски.
Последната лидерска средба се одржа на 7 ноември минатата година во зградата на Парламентот, а тогаш присуствуваа сите партиски лидери освен Димитар Апасиев од Левица и Билал Касами од Беса.





