Премиерот Димитар Ковачевски ја отфрли можноста да има билатерална средба со рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров кој ја предводи руската делегација на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје
„Нема да имам средба со Лавров“, одговори Ковчевски на директното прашање.
Премиерот кажа дека првата порака која ќе ја упати од Самитот на ОБСЕ ќе биде за Русија.
Според него, секоја земја на свој начин испраќа порака за неоправданата агресија врз Украина – некои со неприсуство, други со јасно искажани ставови .
„Истото ќе го направам и јас“, најави Ковачевски.
Според него ова не е дипломатска победа на Русија туку на ОБСЕ бидејќи вака ќе продолжи да функционира и да биде гарант за развој на демократските и мировни процеси во Европа.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров доцна синоќа пристигна во Скопје, за Министерскиот состанок на ОБСЕ.
Авионот со кој Лавров патувал до Скопје прелетал околу 4.000 километри и ги прелетал Турција и Грција, иако првично беше планирано да лета до Скопје преку Бугарија, па летот затоа траел повеќе од 5 часа, пренесува руската агенција ТАСС.
Руската новинска агенција наведува дека бугарската страна одбила да го отвори својот воздушен простор за авионот на Лавров доколку во авионот е портпаролката на МНР, Марија Захарова.
Ковачевски изрази надеж дека состанокот ќе биде успешен и дека ќе се донесат сите потребни одлуки кои веќе се договорени на ниво на амбасадори.






