Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња, одговоти премиерот Димитар Ковачевски на барањето на лидерот на ДПМНЕ за одржување предвремени избори.
„Јас кажав повеќе пати и пак ќе кажам, уцени не прифаќам. Ова е втор пат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата.
Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по втората светска војна“ напиша премиерот на Фејсбук и дададе дека не го плашат никакви најави за радикализација.
„Деструктивноста е одлика и заштитен знак на Мицкоски и неговата партија, но тоа граѓаните го гледаат и препознаваат и таквите најави верувам дека силно ги осудуваат. Владата е стабилна и одговорно владее, а најавите на Мицкоски се одраз на немоќ и безидејност за конструктивност. Ако сакаше било што конструктивно да направи досега ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи. Наспроти тоа, тие произведуваат лажни вести, дигаат хистерија и партиски мобилизираат протести. ВМРО-ДПМНЕ прави се друго освен реална и конструктивна политичка работа“, му одговори Ковачевски на Мицкоски.






