Поранешниот прв човек на РЕК Битола, Васко Ковачевски, најави кривична пријава против министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, и ги демантира неговите обвинувања дека прво вршел изнуда, а потоа барал и 250 000 евра поткуп од фирма која законски добила тендер за ископ на јаловина.



„Неоснованите обвинувања од страна на министерот Наќе Чулев сè уште еден доказ за злоупотреба на полицијата за партиско политички цели на ВМРО-ДПМНЕ. Ги отфрлам неговите денешни обвинувања. Не се точни. Помина времето на МВР-ВМРО кога се правеше хајка и се оцрнуваа неподобните за нив. Кога веќе Наќе Чулев сака да бара криминал му препорачувам да се позанимава со времето на владеењето на Христијан Мицкоски како директор на АД ЕЛЕМ, сега ЕСМ, и да ги истражи тендерите за набавка и увоз на електрична енергија по енормно високи цени и ангажманот на неговите пријатели адвокати за консултантни. Воедно за ваквите неосновани обвинувања во денешната изјава нека очекува поднесување на кривична пријава од моја страна против него лично“, вели Ковачевски.