Двегодишната пандемија на коронавирус која предвидуваше мерки за дистанца е виновна за хаосот што настана околу промена на документите со „северна“, вели поранешниот премиер и актуелен лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.



„Секако дека тоа влијаеше. Она што е важно, исто така е дека голем дел од патните исправи се заменети“ вели Ковачевски според кој досега се сменети повеќе од 1,2 милиони патни исправи и над 550.000 сообраќајни и возачки дозволи.

„Секое ширење паника и давање популистички изјави кои не се во насока на решавање на проблемот туку се некакво лично себеистакнување не носат ништо добро. Затоа пратеничката група на СДСМ вчера, а нормално и претседателот на Собранието кој сега е од нашата партија, дојдоа веднаш до консензус со сите партии, за да се продолжи рокот на важењето на документите за внатрешна употреба и тоа се направи“, рече Ковачевски.

Тој најави дека на седница на Владата денеска ќе биде предложено решение со кое ќе се овозможи замената на возачките и на сообраќајните дозволи да биде бесплатна до крајот на годината…