По вчерашниот повик на претседателот Стево Пендаровски да се продолжи рокот за важење на личните докумети со „северна“, затоа што начинот на кој сега се вадат личните карти, пасошите и возачките дозволи „е срамно понижување на македонските граѓани“, денеска премиерот Димитар Ковечевски рече дека ќе се разгледа таквата можност.
Премиерот потсети дека обврската за смена на личните документи, не е наметната од Владата туку е обврска произлезена од потпишан меѓународен договор кој, како што рече, овозможил да станеме земја членка на НАТО.
„Таа обврска е наведена во закон“, вели Ковачевски.
„Ќе се консултирам со двајца министри со кои разговарал претседателот. Сите предлози за мене се добри ако може да унапредат нешто. Верувам дека претседателот може да се чуе со претседателката на Грција, и тоа е нивото на кое може да се комуницира. Ќе разговараме на седница на Владата за можноста“ вели премиерот.
„Но, Пендаровски најдобро знае, тој беше вклучен при подготвувањето на Преспанскиот договор, а при зачленувањето во НАТО тој беше координатор за НАТО и има повеќе детаљи како тоа да се реши на меѓународно ниво со Грција“, рече Ковачевски, пренесува „Слободен печат“.






