Ковачевски ја префрла вината за нападот на насилниците од ДУИ во МНАВ на Еуроконтрол

Во една од најневеројатните изјави на македонски премиер шефот на владата обвини европска институција за хаосот во МНАВ која директно под ингеренции на владата на Ковачевски.



Ковачевски денеска ја префрла вината за нападот на насилниците од ДУИ во МНАВ на Еуроконтрол, европска институција која се грижи за безбедноста на небото на Европа.

Премиерот вели дека проблемите во М-НАВ се поради тоа што институцијата станала како семејна фирма, поради вработувања до трето колено.

Скандалот во МНАВ трае со месеци во кои ДУИ вработува несоодветни кадри но ескалираше на 4 јануари, кога група од осуммина насилници од ДУИ влегоа во контролната кула на Скопскиот аеродром и натепаа контролор на летање на работното место.

Но за премиерот вината не е во ДУИ или владата туку во Еуроконтрол и семејните односи.

„Со таа институција треба посериозно да се позанимава, не само Владата, туку и ‘Еуроконтрол’. Нивното финансирање е од „Еуроконтрол’. Таму има неколку аспекти кои што треба да се анализираат и да каде што треба да се интервенира. Таа фирма сметам дека е станата како семејна фирма, бидејќи кога ќе погледнете таму има до трето колено запослувано. Претседател на синдикат, татко му работел таму, он работи таму и брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во кое што имаат конфликти кои што обично се случуваат по дома на луѓе. Премногу случајности има во таа организација кои што имплицираат дека тие случајности не се случајни“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на владин настан.

Ковачевски од позиција премиер вели дека ќе има вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикатите на контролори на летање, но тврди дека тоа не е политички притисок, затоа што за тоа имало законска можност.