Премиерот Димитар Ковачевски, во официјалното обраќање на денешната заедничка седница во Скопје на владите на Македонија и Албанија оцени дека билатералните односи помеѓу двете земји никогаш не биле подобри од тоа што се денес и слободно можеме да кажеме како два соседа може и треба да соработуваат.
„Не толку одамна целиот Балкан беше во заложништво на ретроградни политики. Потребна беше визија да се види регионот како целина, своите држави како дел од целината и да се дејствува во правец на заедничка европска иднина“, рече Ковачевски.
„Некои не веруваа, но ете ние заедно зачекоривме и во европските интеграции. На 19 јули двајцата во име на нашите држави и граѓаните ја имавме честа да ги чуеме зборовите „ги означувам преговорите за започнати“ кои ги изговори чешкиот министер за надворешни работи. Вашата поддршка и твојата поддршка на политичката маса во тие денови во Брисел е непроценлива и јас засекогаш ќе ја паметам и ценам. Како што се вели во маката се познаваат пријателите, а ти Еди и вие почитувани колеги од Албанија покажавте вистинско и искрено пријателство и недвосмислена поддршка и на европскиот пат, но и при нашето зачленување во НАТО.
Ние имаме иста цел полноправно членство и на Македонија и на Албанија во ЕУ“, рече макњедонскиот премиер.






