Ковачевски и лани ветуваше закон за плати…

„Има јавни претпријатија во кои членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседателот на државата. Во наредните шест месеци ќе се работи на изработка на нов Закон за плати, затоа што постои неконзистентност во платите. Имаме јавни претпријатија во коишто членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседател на држава и 20-30 години никој тоа не го погледнал“.



Ова е изјава на премиерот Димитар Ковачевски, дадена во април минатата година како одговор на пратеничко прашање.

12 месеци од отворањето на оваа тема, состојбата е пак на почеток – „се работи“ на предлогот но конечната верзија е се уште далеку.

По одлуката на Уставен суд со која се овозможи зголемување на платите на функционерите за 78% премиерот вели дека ќе ја почитува одлуката на Уставен.

Прашан дали ќе донесат владина одлука со која ќе ги намалат коефициентите, а со тоа ќе спречат енормно зголемување на нивните плати, рече: „Во делот на коефициентите тоа е дел од законското решение за платите. Носењето решенија кои не се базираат на правна и економска издржаност завршуваат како ова решение“.

Ковачевски не кажа начин на кој планираат да го спречат зголемувањето на платите, како неговата така и на неговите колеги и сите избрани именувани лица.

Одлуката на Уставниот суд е конечна и не може да се носат одлуки за дерогирање на одлуките на судот. Тоа е казниво дело“, додаде Ковачевски.

Откако уставните судии решија дека државните функционери имаат право да си ги зголемат личните примања за прилично многу проценти, први се опарија пратениците – на нивните сметки веќе легнале по околу 16.000 денари како зголемување пресметано за осум дена, колку што поминале од 21 март кога судиите оценија дека се работи за неуставни одредби. Сега се слуша дека ќе се бара зголемувањето да ја опфати целата плата…

Со оглед на тоа дека ова е период од месецот кога се исплаќаат плати, јасно е дека Буџетот ќе биде дополнително оптоварен, бидејќи се уште, и покрај најавите, нема конкретна мерка од страна на Владата за корекција на коефициентите. (Скопско ехо )