Ковачевски и Брнабиќ го промовираа заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините

Премиерите на Македонија и на Србија Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ го промовираа денеска заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините што беше инициран од „Отворен Балкан“, на наплатната рампа Прешево – мобилно продажно место.



Овој систем ќе овозможи брзо поминување на патарините во Македонија и Србија, при што граѓаните кои веќе го користат М-таг системот ќе можат со регистрација во конкретниот систем инициран од „Отворен Балкан“ непречено, автоматски да ги поминуваат патарините во соседната држава.

Според премиерот Ковачевски, ова е најдобра потврда дека „Отворен Балкан“ е иницијатива која, како што рече, дава резултати, функционира и луѓето ја сакаат.

– За само три месеци српски и македонски инженери успеаја да го направат решението за единствена електронска наплата на патарината.

До следен петок ќе биде направено решението за товарен сообраќај, рече тој.

Ковачевски ја истакна важноста на соработката со Србија во однос на размена на производи, услуги и работна сила и посочи дека во иднина ќе се работи токму на тоа.

-Ова е уште една потврда дека иницијативата работи токму на забрзување на протокот на луѓе, стоки и услуги и на капитал.

Премиерката кажа дека благодарение на оваа иницијатива трговската размена меѓу 2-те држави е зголемена над 25% од нашата страна на 50% е зголемен извозот кон Србија.

Исто така и од Србија е зголемен извозот кон Македонија, рече тој.

Потсети дека бројот на туристи кои во текот на изминатите две години доаѓаа во нашата држава е за 500% поголем од пред воспоставувањето на иницијативата Отворен Балкан.

-Она што следува е воспоставување на софтверското решение за непречена размена на работници, да може секој да дојде да се регистрира преку единствен софтвер и во Србија и во Македонија и во Албанија без административни процедури кои денес траат по 3 месеци, рече Ковачевски.

Премиерката на Србија, Брнабиќ, истакна дека целта на „Отворен Балкан“ е да се олесни животот на луѓето на овие простори и да се олесне трговијата, со што како што рече, ќе стекнеме повеќе богатство, но и да го подигне стандардот на граѓаните.

Таа наведе дека во моментов ознаката за единствената наплата со Македонија може да се користи само за патнички сообраќај, а од петок ќе биде овозможена и за камионите и за економијата.

– Ова е таква иницијатива која што на најдобар можен начин го олеснува животот, патувањето и протокот на производи, рече таа, осврнувајќи се на досегашната соработка во рамките на Отворен Балкан, за која рече дека навистина дала резултати.