Ковачевски: Фондот не можел да издржи линеарно покачување на пензиите

Премиерот Димитар Ковачевски им ги сруши надежите на пензионерите. Тој посочи дека се направило системско решение врз основа на швајцарски модел, а за пензиите, кажа дека ако има линеарно покачување ќе се одразело на буџетот на фондот и ќе не може да се исплати ниедна пензија.



  • – „Во однос на пензиите морам да ве потсетам дека откако станав премиер, низ економско социјален дијалог, се дојде до ново решение за зголемување на пензиите. Ние за 1,5 година имаме 26% зголемување на пензиите. Ако минималната пензија била 9.000 денари, сега е 12.500 денари. Во септември ќе стане 13.000 денари. Ако просечната пензија беше 13.000 денари сега е 19.000 денари и ќе порасне. Се направи системско решение кое е врз основа на швајцарски модел кое овозможува двапати годишно зголемување на пензиите согласно растот на просечната плата и трошоците на живот“, кажа Ковачевски.

Објасни и како се исплаќаат пензии.

  • – „Пензијата е право од работен однос. Не можете да израмните некој што плаќал 15 години стаж на минимална плата и некој што плаќал 30 години стаж на многу поголем износ и да кажете тоа е исто. Пензијата е резултат на годините стаж на секој поединец и упатите. Фондот за пензиско е фонд на осигурениците. Доколку има линеарно покачување тоа ќе значи дополнителен трошок од 220 милиони евра, кој нема да го издржи фондот. Тоа ќе значи дека и тие што 30 години уплаќале стаж, нема да можат да земат пензија“, додаде Ковачевски.

Премиерот кажа дека се работи на методологија за закон за минимална пензија.

  • – „Пензионерите кои протестираат се политички мотивирани и со Сојузот на здруженија на пензионери. И Владата формираше тим кој ќе работи заедно со Сојузот и другите страни на изработка на закон за минимална пензија во рамки на процедурите и законите, во рамки на Уставот и во рамки на методологија“, додаде Ковачевски.

Пензионерите бараат линеарно зголемување на платите за 3.500 денари и дополнително да се утврди минимална пензија од 18.000 денари.