Коментирајќи на пост на Ненад Јовановиќ, апологет на Зоран Заев кој екс премиерот го споредува со Црвенковски, професорката Катерина Колозова дава оценка за актуелниот премиер Ковачевски.
Според Колозова која важи за блиска на СДСМ затоа што бранеше низа контроверзни проекти на оваа партија Ковачевски е политички никој и ништо и нечија маша но не на Заев за кого таа вели дека ја уривал СДСМ додека бил на нејзино чело.
,,Не ги познавам партиските кулоари, но знаев од старт дека не е човек на Заев, како што знаев дека Заев од внатре го сруши СДСМ.
Знаевме за сите интерни минипучови (концепција за образование – нивни лобираа во парламент против, да не биде изгласана од СДСМ, згрозените дека рекол “Бугарија не е фашизам”, итн., итн.).
Заслужија казна на локални, лошо или ич не работеа – па и на национално ниво имаа гафови во смисла што ја засега локалната политика, 3000 денови Кичево-Охрид се гради, небезбедни/необележани и нечисти патишта – но сепак казната требаше да ја испорачаат неопределените. Казната ќе беше ептен тесно да биде со ВМРО кои си го добија регуларниот број на гласови. Резултатите на СДСМ покажаа интрапартиски раскол.
Затоа, беше само логично тој што победил во византиските игри во СДСМ, да го постави и наследникот. Ковачевски е политички никој и ништо- значи, нечија маша, но сигурно не на Заев”, пишува Колозова која не открива кој е тој што од позадина управува со Ковачевски.
Нејзиниот коментар доаѓа по грубиот напад на Јовановиќ врз Црвенковски:
,,НЕКА МЕ ИЗВИНИ ПРЕМИЕРОТ КОВАЧЕВСКИ, АМА ЈАС САКАМ И ЗАГОВАРАМ ПОЧЕСТО ЗАЕВ ДА ГО СЛУШАМ ВО ЈАВНОСТ ОТКОЛКУ ШТО САКАМ ЦРВЕНКОВСКИ ДА ГО СЛУШАМ
Тоа што премиерот Ковачевски бил обичен член на СДСМ, а Црвенковски бил претседател на партијата некогаш, тоа е сосема ирелевантно. Релевентно е тоа што за Заев гласаа – освен на минатите локални избори – огромен број на граѓани: македонци, албанци, турци, роми, бошњаци… Вредносната и идејна симболиката на земјава, онаа реалната, а и онаа метафизичка ако сакате, денес е претставена преку Заев и тоа што овој човек означува во политиката.
А Црвенковски денес не претставува никого и не означува ништо. Освен бивш премиер, бивш претседател и бивш лидер на партијата. Заев обратно, претставува и означува се’. Го означува НАТО, ја означува интеграцијата во ЕУ, ги означува и моите вредности на слобода, мир и пријателство.
Отсуството на Заев денес означува многу поголемо присуство одошто означува отсуството на Црвенковски. Црвенковски и кога го има – во манирот на стар марксиста спремен да поплука се’ постоечко – исто како да го нема. Чуму ти е такво искуство ако сопственото искуство го користиш за се’ живо да поплукаш?
И срдечно ќе побарам до сите оние кои го уважуваат моето мислење, да инсистираат на Заев, а не на Црвенковски. Од проста причина не затоа што Заев е месија, идеален, човек дојден од небото, оти таков човек не постои, туку затоа што Заев ги застапува репрезентативно вредностите во кои јас верувам.
Од друга страна, Заев и вредностите во кои јас верувам претставува темел на она кое во иднина ќе го градиме. И Заев не само што е репрезент на граѓанската, партиската и етничката структура во земјава, Заев е најширок/најуниверзален субјект што вклучува и претставува се’ важно и добро во оваа земја.
А Црвенковски не може да биде темел на ништо. Барем не може да биде мој темел. Ниту пак Црвенковски некого и нешто претставува. И молим лепо!”, пишува Јовановиќ кој јавно призна дека барал помош од СДСМ во времето на Заев по што му ја вработиле сопругата во државна компанија.





