Премиерот Димитар Ковачевски, по најавата за генерален штрајк од страна на СОНК кој ќе трае се’ до исполнувањето на нивните барања, упати повик до наставниците од основните и средните училишта да ги стават интересите на децата на прво место и да се погрижат да не се наруши образовниот процес.
„Учениците треба да бидат во училиштата, таму каде што припаѓаат. По долгото пандемиско отсуство од клупите, ова е и морална обврска кон вашите професионални задачи како наставници и педагози. Ова е потребно најмногу како поддршка на вашите ученици во еден многу важен дел од нивниот живот.Правото на штрајк е загарантирано право и јас целосно го почитувам“, вели Ковачевски.
Тој додава дека социјалниот дијалог е единствениот пат за да се дојде до заеднички решенија.
„Така постигнавме договор за минималната плата и за пензиите, тој е начинот на кој треба да се реши и овој предизвик“, вели Ковачевски.
Премиерот апелира да не запира процесот на образование и да се продолжи со дијалогот за да се изнајде прифатливо решение.
Ковачевски вели дека „законските прописи ги штитат и интересите на учениците, и затоа настава мора да се организира и за време на штрајк. Да не оставаме празнина во образованието на децата, за сѐ има решение, но времето поминато надвор од клупа нема како да се надополни“.







