Според премиерот Димитар Ковачевски, во изминатиот период има поевтинување на прехранбените производи за 10 отсто. Ова шефот на Владата го истакна како одговор на новинарско прашање на заедничката прес конференција со директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски. Според Ковачевски, на тоа влијаело и субвенционираната електрична енергија за прехранбените компании.

– Тие добиваат субвенционирана електрична енергија од 80 евра, меѓутоа цената на струјата е еден влезен параметар во финалната цена, а таму влијае и цената на суровините на светските берзи, тука мислам на месото, млекото, житото итн.
Цените се намалени по 10 проценти, како што зборувавме и тоа може да се види на секаде, кај месото има намалување на 12 отсто и тоа значи дека мерките што ги превзеде Владата вродија со плод. Два месеци инфлацијата се намалува, а годишната инфлација е на ниво на другите европски држави, заклучи премиерот.
Ова се прашања кои се наметнуваат по информацијата дека годишната инфлација за 2022 година достигнала високи 14,2 отсто, согласно податоците на Државниот завод за статистика.
Иако очекувањата на домашните институции беа дека годината ќе ја завршиме со 12,9 проценти, пресметките на ДЗС покажаа уште поголема инфлација од очекувањата. За споредба на годишно ниво во 2021 година стапката била само 3,2 проценти.





