Ковачевски цел месец не смее да повика обвинител како што вети јавно (ВИДЕО)

Премиерот Димитар Ковачевски цел месец не смее да повика јавен обвинител како што вети јавно на 9 јуни за случајот ,,Дивоградби на улицата „Пластичарска“.



Тогаш премиерот во емисијата 360 Степени на Алсат М најави дека доколку нема брза разрешница тој ќе повика јавен обвинител.

Дојде 9 јули а Ковачевски ниту повикал обвинител ниту проблемот е решен.

Најверојатно Ковачевски се плаши дека ако случајот се расчисти тој ќе ја загуби поддршката од неговите коалициони партнери во владата кои е можно да стојат зад двете огромни дивоградби во центарот на Скопје.

Дивоградбите кои се вредни десетици милиони евра се направени без било каква дозвола за градба а едната е на државно земјиште кое е предвидено за паркинг.

Сите инволвирани влучително и Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој ги повлече специјалците кога требаше да се обезбедувс уривањето, се прават дека не знаат кој е инвеститорот иако е невозможно да не се знае кој ги праќа работниците кои секојдневно работат на објектотите кои се речиси готови.

Една дивоградба на познатата скопска улица „Пластичарска“ стана популарна во јавноста, оти на неа мајсторите катадневно работат како мравки за да доведат до финална фаза објект изграден – без дозвола, на државно земјиште и за кој не се знае ниту кој е инвеститорот. Но, градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, вели дека уште еден габаритен објект, на стотина метри подолу, исто така е дивоизграден. Двата не може да ги урне со месеци оти Државниот инспекторат за градежништво прво му ги зеде, а потоа и му ги поништи решенијата за уривање
Директорот на ДИГУ, Фатмир Арифи, во телефонска изјава за „360 степени“ негира каков било притисок за заштита на објектите, за кои и тој смета дека се диви и вети дека од ДИГУ написмено ќе ни одговорат зошто ги поништиле решенијата на Општина Центар. До објавување на текстот, одговорот не пристигнал.

,,Двете „непобедливи“ дивоградби
На само стотина метри оддалеченост една од друга, на т.н. „Пластичарска улица“ во Скопје, се извишени две дивоградби на државни парцели, за кои власта или не може – или не сака да го спроведе законот и да ги урне.

На Општина Центар двапати ѝ пропаѓаат акциите за рушење. Прво, бидејќи МВР не пушти полициска асистенција на терен, поради зголемениот обем на работа со дојавените бомби во училиштата, а вторпат, акцијата на Општината ја стопира Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), од каде што кажаа дека по анонимни пријави на граѓани, ги зеле списите за предметите на увид, па ги држеа со месеци.

По вонредните инспекциски надзори, од ДИГУ на Центар им доставиле записник со кој наложиле да ја повторат постапката за рушење. Ова било повод, освен Владата, градоначалникот Горан Герасимовски да го извести и Јавното обвинителство за текот на предметите и нивното стопирање, а најавува тужба и до Управен суд”, објави 360 Степени.

„Со записник до Општината бараат да се повтори постапката. Нивното образложение во записникот е дека нецелосно законски е направено решението за уривање. Со тоа нашите инспекциски и правни служби не се согласуваат во целост. И самото барање не оди директно преку записник, туку преку решение коешто треба да се достави од Министерството за транспорт и врски, а не од ДИГУ. Доставивме жалба за записникот и дополнително подготвуваме тужба до Управниот суд“, вели Герасимовски за „360 степени“ и укажува дека не може со записник да се запре уривањето на дивоградбите, туку со решение.
Уривањето е скапо, а Центар повеќе од два месеци има резервирано пари за рушење на овие објекти, но поради пропаднатите акции, Општината ќе ги пренамени парите. Тоа, пак, не би значело дека ако се донесе поинаква одлука, објектите понатаму не би се уривале.

„Имаме огромни средства предвидени за уривање на овие два објекта, коишто овие неколку месеци додека се укочени предметите, ни се резервирани средства. Општината донесе одлука со правниот тим да се одмрзнат средствата затоа што треба да ги потрошиме до септември, а во меѓувреме, доколку добиеме зелено светло за продолжување на постапката за уривање на овие две дивоградби, ние преку ребаланс ќе ги предвидиме повторно парите“, кажа Герасимовски.

Дали политиката е штит за дивоградбите?
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, е кадар на владејачкиот СДСМ, а директорот на ДИГУ е Фатмир Арифи од коалициската ДУИ.

Арифи, во телефонска изјава за „360 степени“, негира каков било притисок за заштита на градбите, за кои и тој смета дека се диви и вети дека од ДИГУ написмено ќе одговорат зошто се поништени решенијата на општината. До објавувањето на текстот одговорот не пристигна.

Случајот со „непобедливите“ дивоградби на „Пластичарска“ стигна и до Владата. Откако ДИГУ ги зеде предметите од Општина Центар, премиерот Димитар Ковачевски во гостување на „360 степени“ на почетокот на јуни кажа дека ако не се рушат, тој ќе повика обвинител.

„Ново одлагање ќе предизвика од мојот кабинет да биде повикан јавен обвинител за да ја провери целата постапка“, кажа Ковачевски во „360 степени“, на 9 јуни.

На Велигден годинава на државниот имот работеа луѓе кои не ги запре ни инспекција ни општина ни МВР.

Целата сторија на 360 Степени на овој ЛИНК