Претседателката на Европската Комисија, Урсула ФОН дер Лајен, е искрен пријател на Македонија, напиша на Твитер македонскиот премиер Димитар Ковачевски кој имал кратка средба со шефицата на европската егзекутива на средбата на Советот на Европа на Исланд.
,,На средбата, овде во Рејкјавик, искрено ѝ се заблагодарив што верува во нашата решителност да ги засилиме реформските процеси и побрзо да добиеме статус на полноправна членка на ЕУ”, напиша Ковачевски и отвори дилема дали всушност Фон дер Лајен во некој момент искажала сомнеж за решителноста на владата по што премиерот ја убедил дека таа решителност навистина постои за што тој и се заблагодарува искрено.
Вообичаено би било нормално луѓето во Европската комисија да веруваат во решителност на влада кандидат за членка ЕУ да ги засили реформите и за тоа нема потреба од искрена благодарност.
Освен ако на сите им е јасно дека владата нема ниту намера ниту капацитет да спроведува реформи.
Фон дер Лајен на својот Твитер профил воопшто не напиша дека таа верува во решителноста на владата да ги засили реформите ниту воопшто го споменува Ковачевски.





