Лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски сака да ја прифати фрлената ракавица од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за ТВ дуел на кој би се разговарало за енергетските и другите проблеми на Македонија.
Извори во СДСМ откриваат дека Ковачевски изразил желба партискиот тим за пропаганда да ја прифати понудата од Мицкоски за ТВ Дуел но неговите медиумски и политички советници не се согласуваат со дебата против лидерот на опозицијата.
,,Повторувам за да нема забуни, за да нема дилеми го повикувам Димитар Ковачевски да одбере медиум и време кога заедно ќе се соочиме пред македонската јавност бидејќи сега не е време за политиканство и политики. Не е време за надмен, нервозен и емотивен однос. Сега е време за одговорност, сега е време како да им помогнеме на граѓаните, како да и помогнеме на Македонија. Изберете време, изберете медиум, немојте да дезертирате, јас таму ќе ве чекам”, му порача вчера јавно Мицкоски на Ковачевски од кого се чека одговор на јавната понуда за дебата.
Партиските извори на Бихаќка кои имаат директна комуникација со владиниот тим на Ковачевски велат дека премиерот би ја прифатил поканата за дуел.
Премиерот според истите извори е свесен дека ако бега од соочување со Мицкоски тоа ќе донесе негативен имиџ за него особено откако беше обвинет дека во 2001 година кога татко му е градоначалник на Куманово на нецелосно јасен начин се ослободил од воената обврска во АРМ.
Сепак засега неговата одлука е блокирана од негови советници кои сметале дека лидерот на СДСМ не е подготвен за јавна дебата со Мицкоски.
Посебен проблем за желбата на Ковачевски да излезе на ТВ мегдан бил хаосот во кој се наоѓа владата со набавката на струја, гас и мазут.
Стравот на неговите советници е дека Мицкоски кој е експерт за енергетика толку ќе го понижи Ковачевски што е подобро да бега од дуел отколку и тој лично и партијата да доживеат ушт еден голем удар за имиџот кој ионака е значително разнишан.
Советот што Ковачевски го добива од партиските експерти е ако веќе инсистира на прифаќање на повикот од Мицкоски прво да набави енергенси за граѓаните, бизнисот и училиштата и дури потоа да се соочи со политичкиот ривал.
Во СДСМ сметаат дека срамот од бегството на Ковачевски од поканата од Мицкоски ќе биде многукратно помал од катастрофата која би се случила ако неускусниот Ковачевски се судри со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на енергетски и други теми.






